ОД ПОПОВА ШАПКА ДО ТИТОВ ВРВ И НАЗАД ЗА 2 ЧАСА И 19 МИНУТИ – НА ШАР ПЛАНИНА СЕ ОДРЖА ТРКА ВО ЕКСТРЕМНО ПЛАНИНСКО ТРЧАЊЕ

    ОД ПОПОВА ШАПКА ДО ТИТОВ ВРВ И НАЗАД ЗА 2 ЧАСА И 19 МИНУТИ – НА ШАР ПЛАНИНА СЕ ОДРЖА ТРКА ВО ЕКСТРЕМНО ПЛАНИНСКО ТРЧАЊЕОд 70 натпреварувачи, трката успешно ја завршија 59 (Фото: ПД „Македон“)

    Трета година по ред, на Шар Планина се одржа највисоката планинска трка во Македонија, „Титов Врв скајрејс“. Станува збор за екстремна форма на планинско трчање, популарно наречено скајранинг, кое се одвива на суров високопланински терен, по големи стрмнини и честопати по каменести предели. Стартот и финишот се на Попова Шапка, се трча до највисокиот врв на Шар Планина, Титов Врв (2.747 метри надморска височина) и трката се одвива по таканаречената Зимска патека, која е многу потешка и е долга вкупно 20 километри.

    Во женска конкуренција победи Елена Ртоска од Прилеп, со нов рекорд на патеката (Фото: ПД „Македон“)

    „Стартот на трката беше пред објектот ‘Конак‘ на Попова Шапка. Патеката оди преку врвовите Церипашина, Антени и Бакардан до Титов Врв. Вкупната должина на патеката е 20 километри и има 2.000 метри денивелација, односно качување и спуштање. Поради тежината на патеката, оваа трка не спаѓа во класичните планински трки, туку во дисциплината скајранинг“, вели Александар Кирковски, еден од учесниците на трката.

    Интересот за овој екстремен спорт кај нас е голем. Поради специфичноста на трката и теренот по кој се одвива, бројот на учесниците е лимитиран на 70.

    Дејан Ангелоски од Охрид беше најбрз втора година по ред (Фото: ПД „Македон“)

    „Пријавени беа максимални 70 натпреварувачи, а трката ја завршија 59. Во женска конкуренција славеше Елена Ртоска од Прилеп со нов рекорд на патеката од три часа и 16 минути, втора беше Сања Најдовски од Скопје, а третопласирана Снежана Ѓуриќ од Србија. Кај мажите, втора година во низа победи Дејан Ангелоски од Охрид со сензационално време и нов рекорд од два часа и 19 минути, второпласиран бев јас, а третото место на подиумот му припадна на Никола Илиевски“, рече Кирковски.

    Трката е реализирана во соработка на планинарскиот клуб „Македон“ и Федерацијата на планинарски спортови, која е полноправен член на Светската скајранинг федерација. Во 2019 година, македонската репрезентација во скајранинг учествуваше на Европското првенство во Италија, а оваа година треба да настапи на Светското првенство, кое ќе се одржи во јули на Пиринеите во Шпанија.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира