Со задоцнување од 364 дена и во услови на сè уште присутната пандемија, Олимписките игри во Токио се отворија денеска со раскошни огномети, спектакл со дронови и со кореографија подготвена само за ТВ-гледачите, додека спортистите од 206 делегации продефилираа пред речиси празни трибини. Меѓу нив беше и Македонија, која оваа Олимпијада има нешто побројна селекција, па ќе ја претставуваат осуммина спортисти во седум спортови.
Олимпискиот пламен на крајот на четиричасовната церемонија го запали тенисерката Наоми Осака.
Организаторите одржаа минута молчење во чест на сите починати од ковид-19, додека надвор од Олимпискиот стадион можеше да се слушне звукот на протестите против одржувањето на Игрите. Истражувањето на водечкиот весник „Асахи шимбун“ од мај покажа дека дури 80% од Јапонците сакаат ОИ да бидат одложени или откажани.
Отпоздравувањето на олимпијците кон празните трибини нагласи дека Токио ќе биде нешто невидено во олимписката историја. Организаторите претходно решија да нема гледачи, ни странски, ни домашни, а на пиедесталот, спортистите сами ќе си ги ставаат медалите околу врат и забрането им е да се гушкаат и поздравуваат.