Капитенот на Барселона, Жерард Пике утрово гласаше на рефередумот за независност. Пике излезе на едно од гласачките места пред да замине на стадионот „Ноу Камп“ каде попладнево неговиот клуб треба да игра против Лас Палмас.
За време на гласањеѕо Пике пред новинарите рече дека она што денеска се случува во Барселона е срам, а сликите тоа најдобро го покажуваат.
Во моментот кога Пике требаше да гласа, тоа сакаше да го стори пред телевизиските камери, по што беше предупреден дека гласањето е тајно. Пике потоа се обиде да гласа во кабина, но бидејќи не најде, побара од камерманите и фоторепортерите да се завртат со грб додека гласа.
По завршување на гласањето Пике на својот Твитер профил испрати уште една порака “Јас веќе гласав. Заедно сме незапирливи во одбрана на демократијата“.
Со слична порака се обрати и поранешниот капитен на Браселона, Хави Хернандес.
„Ова што се случува денеска е срамно. Неприфатливо е во демократска земја, на луѓето да не им биде дозволено да гласаат“, рече Хернандес во видеа порака.
Поради напнатата состојба во Каталонија, каде полицијата ги спречува граѓаните да гласаат, а на едно избирачко место беа употребени и гумени куршуми, раководството на тимот размислува да го одложи денешниот натпревар против Лас Палмас, кој треба да се игра во 16.15 часот.