Капитенот на македонската фудбалска репрезентација и сопственик на второлигашот „ Академија Пандев“ набави 24 парчиња ГПС систем-уреди со кои ќе ја следи работата и перформансите на своите фудбалери. По грчки Панатинаикос, Академијата на Горан е вториот клуб на Балканот кој набави опрема со која индивидуално ќе се следи физичкиот развој на секој фудбалер, како на тренинзите, така и на натпреварите. Станува збор за опрема вредна над 30 илјади евра со која тренерите во клубот ќе имат детална слика за работата на организмот на секој фудбалер, неговиот напор, енергија, истоштеност, сила и колку тој е подготвен за еден натпревар.
„Оваа опрема ќе биде во функција на правилниот развој на фудбалерите. Со неа буквално добиваме скенирана слика за секој фудбалер и неговиот развој по што ќе работиме на отстранување на одредени пречки доколку се констатираат. Информациите во дата базата ќе доаѓаат преку сателит што значи во живо ќе ги имаме сите податоци за фудбалерите“, рече Југослав Тренчовски координатор во Академијата.
На тестирањето на ГПС уредите кои преку сателит ќе ги даваат информациите за физичката состојба на фудбалерите на Горан Пандев присуствуваше и селекторот на македонската фудбалска селекција Игор Ангеловски чии репрезентативци на тренинзите ги следи на сличен начин.
„Фудбалот се модернизира и мора да го следиме тој модел. Вакви технологии за следење на перформансите на фудбалерите е секојдневие за модерните и големите клубови, бидејки на тој начин се добива информација колку е подготвен одреден фудбалер за одреден натпревар“, рече селекторот Ангеловски кој по двете победи над Лихтенштајн и Белорусија најави нови победи на македонската фудбалска репрезентација
В.Трајков