Перу е последната репрезентација која обезбеди пласман на Светското првенство 2018 во Русија, откако го совлада Нов Зеланд со 2:0 во реваншот од интерконтиненталниот бараж во Лима.
Тоа ќе биде прв настап на Перуанците на светските првенства од 1982 година и водечкиот гол на Џеферсон Фарфан во 27. минута предизвика таква ерупција од воодушевување на стадионот, што во главниот град бил регистриран мал земјотрес.
„Неверојатно! Апликацијата за детектирање земјотреси се активираше за регионот на Лима како последица на прославата на водечкиот гол на Перу против Нов Зеланд. Земјотресот бил регистриран точно во моментот по постигнувањето на голот на Фарфан. Го активираа емоциите на Перуанците“, објави Твитер профилот на Сеизмолошкиот институт на Чиле, кој е поврзан со апликацијата „Детектор на земјотреси“.
Пред Перу, пласман на СП обезбедија: Египет, Нигерија, Мароко, Тунис, Сенегал (Африка), Иран, Јапонија, Јужна Кореја, Саудиска Арабија (Азија), Мексико, Костарика, Панама (Средна и Северна Америка), Аргентина, Бразил, Колумбија, Уругвај (Јужна Америка), Австралија (Океанија), Белгија, Германија, Англија, Исланд, Полска, Србија, Шпанија, Франција, Португалија, Хрватска, Швајцарија, Данска, Шведска (Европа) и Русија како домаќин.
Ждрепката на групите ќе се одржи на 1 декември во Кремљ.