Тројца од петчлениот македонски тим успеаја да го истрчаат 171 километри долгиот ултрамаратон УТМБ, што традиционално се одржува на Мон Блан. Игор Пирковски, Игор Јовановски и Жикица Ивановски ја завршија трката со време од 35 часа и 37 минути и се ранграни на позициите 357-359. На целта пристигнаа заедно, околу 6 часот изутринава. Тие минаа низ целта држејќи го меѓу нив македонското знаме.
Никола Цицоски и Александар Симјаноски не ја завршија трката, се повлекоа по истрчан 79 односно 84 километри.
Стартот на трката, за која се квалификуваа околу 2.500 учесници од цел свет, беше во петокот, 31 август, во 18 часот, а тркачите имаат 46,5 часа за да ја завршат трката.
На најтешката ултрамаратонска трка Македонија оваа година ја претставуваше избран петчлен тим од екипата на Трекс.
УТМБ е трка на издржливост со која се обиколува целиот масив Мон Блан, при што се поминува низ три држави, од Шамони во Франција, преку Кормаер во Италија и Шампе Лак во Швајцарија, па назад во Франција. За да не биде ова обично трчање, тоа е усложнето со 10.000 метри висинско искачување и спуштање.
Апсолутниот рекорд е во сопственост на Французинот Франсоа Деан од 20:11:44 часови.
Жикица Ивановски го држи македонскиот рекорд на оваа трка, во 2014, со време од 31 час и 46 минути, а неговата сопруга Светлана Стојаноска истата година беше првата Македонка што го заврши УТМБ, за 44,59 часа, додека Јовица Јованчев ја заврши за 32,46 часа.
Г. КОНЕВ