На 64 години, мексиканскиот принц Хубертус фон Хохенлохе-Лангенбург во петокот настапи на своето 20. светско првенство во скијање и сега кажа дека тоа веројатно му беше последната трка. Не успеа да оствари пласман откако не го заврши првото велеслаломско возење, 41 година по дебито на светските првенства.
„Би рекол дека тоа ми беше последната трка. Ќе беше убаво доколку ја завршев. Веројатно поминував многу време на сонце во Марбеља летоска и недоволно одев во теретана“, кажа Фон Хохенлохе.
Тој е роден во Мексико со двојно државјанство на Австрија и Лихтенштајн и е потомок на аристократската куќа Хохенлохе. Откако не успеал да влезе во австрискиот скијачки тим, во 1981 ја основал Мексиканската скијачка федерација, станал нејзин претседател и почнал да се натпреварува под знамето на родната земја.
За време на својата долга скијачка кариера настапи на шест олимпијади и 20 светски првенства, пропуштајќи го само она во 2007 поради скршена нога. Покрај скијањето, градеше кариера и како фотограф и поп пејач, објавувајќи осум албуми под имињата Енди Хималаја и Ројал Дизастер.