Драгослав Шекуларац, еден од најголемите југословенски фудбалери на сите времиња, почина денеска во Белград на 81 година.
Роден во Штип во 1937, популарниот Шеки ја почнал фудбалската кариера во Црвена звезда во 1951 година, за чиј прв тим дебитирал на само 16-годишна возраст. За 11 сезони во црвено-белиот дрес, Шекуларац одигра 470 натпревари, постигна 119 голови и освои седум шампионски и пет куп титули. Тој не важи за каква било легенда на клубот, туку е една од неговите пет „ѕвезди“.
По заминувањето од Звезда, Шекуларац оствари и богата меѓународна кариера, настапувајќи во Германија, САД, Колумбија и Франција.
Со репрезентацијата на Југославија играше на две светски првенства и освои сребро на првото ЕП во 1960 година, како и на ОИ 1956.
„Низ Црвена звезда поминаа илјадници спортисти, но Шекуларац имаше посебен шарм и беше вистински господин и џентлмен. Беше обожаван во општеството и затоа беше единствен. Нема сомнение дека Шеки ќе остане запаметен како еден од најголемите во историјата на фудбалот“, се вели во соопштението на Црвена звезда.
Штипјани му се оддолжија на својот легендарен сограѓанин, па во јуни 2017 година кренаа споменик во негова чест, асоцијација на неговиот легендарен дриблинг.