На 66 години почина Иван Гудењ, легендарниот југословенски фудбалер, кој беше принуден рано да ја заврши кариерата поради болест. Гудељ имаше само 26 години и беше на врвот на кариерата, кога му беше дијагностициран хепатит Б, поради што мораше да се повлече од фудбалските терени.
Тој ја помина целата сениорска кариера во дресот на Хајдук, за кој одигра 362 натпревари и постигна 93 голови. Беше сестран фудбалер кој играше на повеќе позиции во одбраната и средниот ред.
Со Хајдук беше шампион на Југославија во 1979 и играше во полуфиналето на Купот на УЕФА во 1984. Беше капитен и најдобар играч на младинската репрезентација на Југославија која стана европски првак во 1979, а за сениорскиот национален тим одигра 33 натпревари, настапувајќи на Светското првенство 1982 во Шпанија.
Беше еден од најбараните југословенски фудбалери во Европа кога мораше да ја прекине кариерата. По мечот со Црвена звезда во септември 1986 беше утврдено дека боледува од хепатит Б, дијагноза со која се бореше со децении.
Подоцна работеше како тренер и инструктор, дипломираше кинезиологија и преку јавни кампањи ја ширеше свеста за важноста на тестирањето и лекувањето на хепатит.



