Почина уругвајскиот фудбалер Хуан Искиердо кој минатата недела колабираше на теренот поради неправилно чукање на срцето, објави неговиот тим Клуб Насионал. Дваесет и седумгодишниот дефанзивец беше во болница откако на 22 август колабираше на мечот со Сао Пауло во Бразил во рамките на Копа Либертадорес, јужноамериканската верзија на Лигата на шампионите.
„Со длабока тага и шок соопштуваме дека почина нашиот омилен играч Хуан Искиердо. Цел Насионал е во жалост поради неговата загуба“, објави клубот, за кој Искиердо редовно играше од оваа година.
Искиердо влезе во игра на стартот на второто полувреме и падна на теренот онесвестен во 84. минута откако претходно немаше контакт со друг фудбалер. Оттогаш беше на одделот за интензивна нега во болницата „Алберт Ајнштајн“ во Сао Пауло. Од болницата кажаа дека Искиердо претрпел срцев удар поврзан со неговата срцева аритмија.
Искиердо ја почна професионалната кариера во 2018 и првпат стана играч на Насионал во 2022. Потоа премина во уругвајскиот клуб Ливерпул, со кој ја освои шампионската титула, по што се врати во Насионал.