Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ изгледаше незапирливо на стартот на сезоната, кога успеа да ги освои првите два гренд слема во годината во Австралија и во Франција. Сепак, повредите и заморот оставија последици на 29-годишникот, кој не личеше на себеси во финалето на „Ју-Ес Опен“ во кое загуби од Станислас Вавринка.
Сега, Ѓоковиќ призна дека имал проблеми во последно време, но се надева дека ќа има успешен финиш на сезоната.
„Да бидам искрен, се радувам што повторно ќе ги пронајдам свежината и сталоженоста, кои доаѓаат со уживањето во тенисот. Некако, го изгубив тоа некаде попат по Париз и по Ролан Гарос. Го чувствувам тоа изминативе два месеца и ми беше тешко“, кажа српскиот тенисер во Ница на отворањето на тениската академија на тренерот Патрик Муратоглу.
„Но, ова беше уште една добра сезона и таа се уште не е завршена. Сега, едвај чекам на азиските турнири и повторно да се натпреварувам, се надевам ќе останам здрав“, додаде Ѓоковиќ.