ПРОНАЈДЕНО ТЕЛОТО НА ФУДБАЛЕРОТ НА КАРДИФ ЕМИЛИЈАНО САЛА

    ПРОНАЈДЕНО ТЕЛОТО НА ФУДБАЛЕРОТ НА КАРДИФ ЕМИЛИЈАНО САЛАПо Сала се трагаше од 21 јануари, откако исчезна авионот со кој се враќаше од Франција

    Полицијата на Дорсет потврди дека е пронајдено телото на фудбалерот на Кардиф сити, Емилијано Сала, кој исчезна на враќање од Франција на 21 јануари, само два дена откако потпиша за англискиот премиерлигаш и стана најскап играч во неговата историја.

    Дваесет и осумгодишниот Аргентинец беше во малиот авион што исчезна над Англискиот Канал и неговите остатоци конечно беа лоцирани во неделата наутро, по што во средата од него беше извлечено едно тело. Полицијата синоќа ја потврди идентификацијата, додека телото на 59-годишниот пилот Дејвид Иботсен засега не е пронајдено.

    „Можеме и формално да потврдиме дека телото што беше донесено во пристаништето Портланд на 7 февруари е на Емилијано Сала“, соопшти полицијата, а информацијата потоа беше потврдена и од Кардиф сити.

    Авионот „пајпер малибу“ леташе од Франција за Кардиф, откако Сала на кратко се врати во Нант за да се поздрави со своите бивши соиграчи. Потрагата по авионот беше откажана на 24 јануари, по што преку онлајн петиција беа собрани 370.000 евра за да се продолжи со приватна истрага.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари