Машката ракометна репрезентација со гол во последната секунда ја совлада Романија со 24:23 на крајот на групната фаза на Европското првенство во Данска, Шведска и Норвешка, завршувајќи ја со три освоени бода. Ова ќе ѝ донесе полесен пат кон следното Светско првенство, а малите шанси за продолжување на настапите на ова ЕП зависеа од резултатот на мечот Данска-Португалија.
Македонија одлично го почна натпреварот и по десет минути игра имаше водство од 4:0. Откако Романците го дадоа својот прв гол во 11. минута, мечот влезе во една постабилна фаза, во која Македонија имаше постојана предност, во еден момент и од пет гола.
Сликата на теренот не се промени многу и во второто полувреме. Романците постојано беа во позиција да ја бркаат предноста на Македонија и во 56. минута успеаја да израмнат за првпат на натпреварот.
Откако повеќе од шест минути беше без постигнат гол, Македонија имаше играч повеќе во последните две минути од мечот и повторно поведе на 50-ина секунди до крајот. Романија пак израмни со голот на седум секунди до крајот, но остана доволно време за брз противнапад, од кој поентираше Костески.



