Машката ракометна репрезентација имаше сензационален старт на своето деветто светско првенство, а седмо по ред. Во првото коло на Мундијалот во Хрватска, Данска и Норвешка, Македонија во Вараждин ремизираше со фаворитот Унгарија со 27:27, но има право да жали и за подобар резултат.
Избраниците на Кире Лазаров одиграа одлично прво полувреме. И покрај раниот минус од три гола, успеаја да се кренат и во еуфоричен налет да поведат со 10:6 во 16. минута. Позитивниот резултат се одржуваше до последната минута од полувремето, кога Унгарија израмни на 14:14.
Македонија продолжи бестрашно да му парира на големиот противник и во второто полувреме, немаше ниеден играчки или физички пад во нашата игра и во последната минута од мечот влеговме со гол предност и напад. Тоа не беше искористено за да се завери победата, туку Унгарија успеа да се избори за реми и бод.
За два дена Македонија ќе игра против Холандија, а првата фаза завршува со дуелот со Гвинеја на 19 јануари.