Македонската ракометна репрезентација загуби од Чешка со 25:24 во вториот натпревар од главната фаза на Европското првенство во Хрватска, иако беше во водство сè до самиот финиш, на моменти и со пет разлика.
Македонија стартуваше како лидер со пренесени три бода од првата фаза, но сега е на последното место во групата со 3 бода и веќе нема шанси за пласман во полуфиналето. Дејан Манасков имаше можност во последната секунда од пенал да го израмни резултатот, но чешкиот голман го одбрани неговиот шут.
Кире Лазаров, кој се повреди на претходниот меч против Шпанија, не настапи вечерва, со исклучок при изведувањето на три седмерци, од кои реализираше два.
Талески со 5 гола беше најдобар стрелец за „црвено-жолтите“, а по 4 гола постигнаа Стоилов, Велковски и Миркуловски.
Утре, во 18.15 часот, го играме последниот меч од групата, против лидерот Данска.