Машката ракометна репрезентација го забележа второто реми на Светското првенство во Хрватска, Данска и Норвешка откако на стартот на втората фаза одиграа 29:29 со Австрија. За разлика од првиот меч со Унгарија, Македонија овојпат повеќе се радуваше на бодот, кој беше освоен со спектакуларниот гол на Кузмановски во последната секунда.
Во исклучително неизвесен меч со повремени пресврти, Македонија прва се наметна, но Австрија успеа да преземе иницијатива со серијата од 5:0 во финишот на првото полувреме. Австрија одржуваше мало водство во првите десет минути од вториот дел, по што Македонија воспостави рамнотежа и до крајот на средбата двете селекции рамноправно се бореа на теренот.
Откако Австрија поведе за последен пат, македонските ракометари имаа четири секунди за да се обидат да стигнат до бод и тоа беше постигнато со моќниот удар на Кузмановски од повеќе од десет метри.
За два дена Македонија се среќава со Катар, по што следува дуелот со Франција.