Никој од Реал Мадрид нема да присуствува на вечерашната церемонија на доделувањето на Златната топка зашто трофејот нема да му припадне на Винисиус Жуниор, туку на шпанскиот репрезентативец Родри.
Извори од клубот изјавија за ЕСПН и АП дека во Париз нема да патуваат и останатите номинирани играчи на Реал, Џуд Белингам, Дани Карвахал, Килијан Мбапе, Антонио Ридигер и Федерико Валверде, како и Андриј Лунин, Арда Ѓулер и Карло Анчелоти, кои се номинирани за најдобар голман, најдобар млад играч, односно за најдобар тренер.
Во клубот веруваат дека е нефер и срамота што Златната топка нема да ја добие Бразилецот Винисус Жуниор, кој досега важеше за најголем фаворит.
„Неприсуството на церемонијата е знак на протест против овој историски грабеж“, изјави извор од Реал Мадрид.
Родри беше клучен играч на Манчестер сити минатата сезона, во која повторно ја освои Премиерлигата и потоа со Шпанија славеше на Европското првенство во Германија.