Бразилскиот фудбалски волшебник Роналдињо соопшти дека и официјално ќе ја заврши играчката кариера наредната година, со цел да се фокусира на музиката и на неговите фудбалски школи.
Иако нема играно на професионално ниво откако си замина од бразилскиот прволигаш Флуминензе во 2015 година, 37-годишниот Роналдињо кажа дека бара начин како да го изведе повлекувањето.
„Ја оставам оваа игра зад себе. Мислам дека наредната година и официјално ќе му кажам збогум на фудбалот. Можеби ќе одиграм неколку проштални мечеви со клубовите за коишто имам настапувано, треба уште да размислам“, изјави светскиот првак од 2002 година и освојувач на Златната топка во 2005 година.
Во март, тој го издаде првиот сингл „Созињо“ и во музиката ја гледа својата идна кариера.
„Откако ќе завршам со фудбалот, се префрлувам на моите музички проекти. Тоа ќе биде нешто ново за мене, ќе мора да се приспособам“.