САД нема да праќаат никакви дипломатски претставници на претстојните Зимски олимписки ирги во Пекинг во знак на протест поради кршењето на човекови права во кинеската провинција Синџанг, објави портпаролката на Белата куќа, Џен Псаки.
Таа додаде дека администрацијата на Џо Бајден со ова испраќа јасна порака дека кршењето на човекови права во Кина не смее да биде вообичаена работа.
„Администрацијата на Бајден нема да испрати ниеден дипломатски или официјален претставник на Олимпијадата и Параолимпијадата во Пекинг, имајќи ги предвид геноцидот и злосторствата против човештвото што кинеската држава ги спроведува во Синџанг“, изјави Псаки.
САД ги информираа своите сојузници за планираниот дипломатски бојкот, но, според Псаки, тие самите ќе решат дали ќе се придружат.
„Американските спортисти ќе ја имаат целата наша поддршка. Не би било фер тие да се казнуваат со целосен бојкот на Олимписките игри“, кажа Псаки.
Кина претходно најави дека ќе преземе решителни контрамерки во случај на бојкот.