Марија Шарапова ја освои првата ВТА-титула откако се врати на терените по допинг-скандалот, триумфирајќи на турнирот во кинескиот град Тијанџин.
Во финалето, Русинката ја совлада 19-годишната белоруска тенисерка Арина Сабаленка со 7:6, 7:5, што ѝ е прва титула по две и пол години пауза, а вкупно 36-та во кариерата.
Шарапова, која моментално се наоѓа на 86. место на ВТА-листата, го шокираше светот кога објави дека имала позитивен допинг-тест за време на Отвореното првенство на Австралија минатата година. За овој прекршок, таа беше суспендирана од тениските терени на 15 месеци и официјално се врати на турнирите во април годинава.
Шарапова направи два големи пресврти за да дојде до титулата, откако во првиот сет губеше со 1:4, а во вториот со 1:5 во гемови, спасувајќи и една сет-топка.