ШТИП ПРЕЧЕКА СТОТИНА УЧЕНИЦИ ОД ПОСЕБНИТЕ ПАРАЛЕЛКИ НА РЕГИОНАЛНИТЕ СПОРТСКИ ИГРИ

    ШТИП ПРЕЧЕКА СТОТИНА УЧЕНИЦИ ОД ПОСЕБНИТЕ ПАРАЛЕЛКИ НА РЕГИОНАЛНИТЕ СПОРТСКИ ИГРИХристијан (лево) и Џихан играат пинг понг под водство на нивниот ментор Велков, а останатите учесници се натпреваруваат во кошарка и совладување пречки (Фото: СДК.МК)

    Седумгодишниот Џихан Еминов и 11-годишниот Христијан Трајков, ученици во специјалните паралелки во Кавадарци, се неразделни другари и во училиштето и на спортските терени. Тие, како што вели нивниот ментор Зоран Велков, со душа чекаат да дојдат Регионални спортски игри, што традиционално се одржуваат на 9 мај во Штип.

    „Не само овие ученици, туку и останатите едвај чекаат да има спортски натпревари и специјално се подготвуваат за регионалните спортски игри. На ваквите активности им посветуваме посебно внимание, затоа што спортот значително ја подобрува нивната психомоторика, која им помага подобро да ги разбираат и полесно сфаќаат училишните задачи“, вели дефектологот Велков, кој речиси три децении се занимава со воспитување и образување на деца со посебни потреби во Кавадарци.

    Второоделенецот Џихан потекнува од Радовишко од социјално загрозено семејство и е згрижен во мал групен дом во Кавадарци, а шестоодделенцот Христијан има повеќе психички и физички оштетувања, но спортските активности имаат позитивно влијание врз неговата здравствена состојба.

    „И двајцата сакаат да играат фудбал, кошарка и пинг понг. Кога доаѓаат вакви регионални натпревари, со поголем мотив ги решаваат училишните задачи, за потоа да се одадат на спортувањето. Нивниот пример го следат и останатите деца кои се со одреден хендикеп“, вели Велков.

    На годинашните Регионални спортски игри во Штип учествуваат 120 ученици од посебните паралелки од Велес, Неготино, Кавадарци и од градот домаќин.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари