ШТИПЈАНИ СЕ ПРИСЕТИЈА ДЕКА ВО НИВНИОТ ГРАД ПРЕД 86 ГОДИНИ СЕ ОДИГРАЛ ПРВИОТ КОШАРКАРСКИ МЕЧ НА БАЛКАНОТ

    ШТИПЈАНИ СЕ ПРИСЕТИЈА ДЕКА ВО НИВНИОТ ГРАД ПРЕД 86 ГОДИНИ СЕ ОДИГРАЛ ПРВИОТ КОШАРКАРСКИ МЕЧ НА БАЛКАНОТШтипјани побараа да се постави спомен обележје во чест на првиот кошаркарски натпревар, како и биста на основоположникот на македонската кошарка Трајко Кошевалиски (Фото: СДК.МК)

    На денешен ден пред 86 години во Штип се одиграл првиот кошаркарски натпревар на Балканот, на местото каде што денес се наоѓа ОУ „Ванчо Прќе“. За овој натпревар, што се одиграл во чест на празникот Богородица, на 6 септември 1933 пишувал и тогашниот весник „Вардар“, кој излегувал еднаш во месецот.

    „Првата кошаркарска топка во Македонија ја донесов од Словенија неколку месеци пред тоа. При крајот на летото 1933, одлучивме да се одигра првиот официјален кошаркарски натпревар помеѓу црвените и црните, составени од членови на тогашното спортско друштво Соколи од Штип. Натпреварот заврши со победа на црвените од 12:10“, напиша во своите мемоари тогашниот судија Трајко Кошевалиски, кој почина пред неколку години.

    Според него и сеќавањата на други постари штипјани, таблата и обрачите за првиот меч ги направил штипјанецот Методи Папаров, а мрежичките ги исплел неговиот сограѓанин Петре Патраклија. Подоцна, поради новонастанатите политички состојби во Македонија, во Штип не се играла кошарка, која била возобновена дури по Втората светска војна. И тогаш главни носители на играта биле сестраните гимнастичари на спортското друштво Соколи, кое подоцна се преименувало во Друштво за телесно воспитување „Партизан“, а кошаркарската екипа го понесе името на народниот херој Ванчо Прќе.

    „На првиот сојузен натпревар во Суботица, репрезентацијата на Македонија, која била составена само од играчи од екипата Ванчо Прќе, го освоила второто место и станала вицешампион на Југославија“, вели поранешниот кошаркарски судија Тодор Рибарски.

    Денеска пред ОУ „Ванчо Прќе“ се одржа мала свеченост, на која беше побарано да се постави спомен обележје во чест на првиот кошаркарски натпревар, како и биста на основоположникот на македонската кошарка Трајко Кошевалиски.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира