Словенија се промовираше во нова велесила во велосипедизмот откако Тадеј Погачар го освои Тур де Франс, а неговиот сонародник Примож Роглич заврши на второто место во генералниот поредок.
Триесетгодишниот Роглич беше фаворит за триумф на најпрестижната велосипедистичка трка на светот, но на вчерашната претпоследна етапа ги загуби и временската предност и жолтата маичка, што претходно ја носеше 13 етапи.
Погачар, кој утре ќе наполни 22 години, стана најмладиот победник на Турот од Анри Корне во 1904 година. Тој дојде до победата на своето деби на трката.
Погачар, кој оствари големи успеси на јуниорско ниво, во професионалци премина минатата година и потоа ја освои Трката низ Калифорнија.