„Германија беше величана како тим за шампионати, а сега е само фудбалско џуџе“, пишува „Билд“ по уште една рана елиминација на германската репрезентација од светските првенства.
Втор мундијал по ред, Германија не успеа да ја помине групната фаза, и покрај синоќешната победа над Костарика од 4:2. Сепак, четирикратниот светски првак заврши на третото место во групата по контроверзната победа на Јапонија над Шпанија од 2:1 и си оди дома.
Германските медиуми ја сумираат елиминацијата во два збора: апсолутна катастрофа.
„Каков срам!“, стои на денешната насловна страница на „Билд“.
Германија го промени селекторот по поразот од Македонија во квалификациите за СП, па Ханси Флик дојде на местото на Јоаким Лев, но резултатот остана ист.
„Горчливиот епилог е срамен пораз од Јапонија, силно реми против Шпанија и звучна победа над Костарика. Тоа е срамота! Неверојатно е дека по СП 2018 во Русија стана уште полошо. Фудбалскиот свет порано се тресеше пред нас, а Германија сега е фудбалско џуџе“, коментира „Билд“.
„Совршена бламажа, Германија си оди дома! Вторпат по 2014, Германците направија комплетни будали од себе“, пишува сајтот „Спортсшау“.
„Дојче веле“ е поумерен, па напиша дека ова беше горчливо СП за Германија.
„Дер Шпигел“ вели дека Шпанија првично ги одмораше своите најдобри играчи, пред „јапонските шегаџии“ да го свртат резултатот.