Починатиот германски фудбалски великан Франц Бекенбауер ќе биде чествуван со статуа пред Алијанц арената на Баерн Минхен, соопшти фондацијата „Курт Ландауер“. Бекенбауер, кој почина на 7 јануари, треба да биде излеан во бронза во елегантна поза како диригент на играта, на пиедестал во форма на ромб од баварското знаме.
Фондацијата „Курт Ландауер“ беше одговорна и за статуата на Герд Милер, која беше поставена на просторот на Алијанц арената. Благодарение на претходното искуство, организацијата очекува проектот Бекенбауер да трае околу 18 месеци.
„Елегантниот капитен Франц и неговиот пријател Герд Милер потоа заедно позитивно ќе ги фрлат своите сенки на денешнината, а свеста за нашата голема клупска историја ќе се пренесе и на следните генерации“, рече Кристијан Крол од фондацијата „Курт Ландауер“.
Фондацијата организираше кампања за преземање донации за проектот од навивачите на Баерн и фан клубовите.
Големиот великан на Баерн и Германија, Бекенбауер ја редефинираше улогата на чистач, освои безброј титули со клубот и подоцна беше негов претседател. Тој го подигна пехарот на Светското првенство како играч и тренер и го донесе Светското првенство во 2006 во Германија.
Извршниот директор на Баерн Минхен, Јан-Кристијан Дресен, на крајот на јануари изјави дека статуата на Бекенбауер добро ќе се вклопи до споменикот на Милер.