Легендарниот фудбалер на Реал Мадрид Бутрагењо денеска во Скопје се сретна со својот поранешен тренер Кирил Дојчиновски на прес-конференцијата за Суперкупот на УЕФА во кој на 8 август ќе играат шпанскиот клуб и Манчестер Јунајтед. Бутрагењо во 1995 година си замина од Реал и потпиша за мексиканскиот клуб Селаја, каде што тренер беше македонската фудбалска легенда.
„Кога гo напуштив Реал Мадрид во 1995 година, заминав да играм во Мексико, во Селаја. Кирил Дојчиновски ми беше тренер и со него имам многу убави спомени. Ова е многу емотивен момент за мене. Ви благодарам што дојдовте“, кажа 53-годишниот Бутрагењо на пресот и стана да си помуаебети со Дојчиновски, кој беше специјален гостин на настанот.
Покрај Бутрагењо, кој сега е еден од директорите во Реал, на прес-конференцијата за Суперкупот, кој ќе се игра на „Филип Втори“, беше и поранешниот напаѓач на Манчестер Јунајтед, Французинот Луј Саа.
73-годишниот Дојчиновски имаше богата кариера, првин како играч, а потоа и како тренер. Во играчките денови, најголем дел од кариерата помина во Вардар и Црвена Звезда, а беше и југословенски репрезентативец. Како тренер, ги водеше Вардар, Ел Салвадор, Селаја, Ираклис, Лимењо и Платенсе.
Денеска во продажба беа пуштени картите за Суперкупот во Скопје. До 4 јули може да се аплицирате за билети за Суперкуп натпреварот меѓу Реал Мадрид и Манчестер Јунајтед на 8 август во Скопје единствено онлајн преку официјалниот сајт на УЕФА за продажба на карти.
Продажбата не се врши врз основа на принципот прв дојден-прв услужен, туку може да се аплицира во кое било време до затворање на линкот за апликација за билети на 4 јули. Ако побарувачката е поголема од понудата, тогаш ќе има извлекување за распределба на билетите