СУСПЕНДИРАН ТЕНИСЕРОТ НИК КИРЈОС ПОРАДИ ПОЗИТИВЕН ТЕСТ НА КОКАИН

    СУСПЕНДИРАН ТЕНИСЕРОТ НИК КИРЈОС ПОРАДИ ПОЗИТИВЕН ТЕСТ НА КОКАИНПоради тоа што позитивниот тест е забележан за време на турнир, Кирјос се соочува со потенцијално долга казна. (Фото: Инстаграм)

    Австралискиот тенисер Ник Кирјос е привремено суспендиран од тенисот откако бил позитивен на кокаин за време на турнир во Шпанија.
    Триесет и едногодишниот поранешен финалист на Вимблдон објави на својот инстаграм-профил дека направил голема грешка, по што Меѓународната агенција за интегритет на тенисот (ИТИА) ја потврди неговата суспензија.

    Кирјос бил тестиран за време на АТП 250 турнирот во Мајорка на 22 јуни, а лабораторија акредитирана од Светската антидопинг агенција (ВАДА) на 17 јули го потврдила присуството на бензоилекгонин, метаболит на кокаин. Според правилата на ИТИА, кокаинот е забранета супстанција на натпреварувањата, поради што привремената суспензија е задолжителна и стапила на сила на 4 август, иако тенисерот има право на жалба.

    Во објавата на социјална мрежа, Кирјос им се извини на семејството, навивачите и спонзорите, признавајќи дека нема оправдување за постапката, но додаде дека борбата со повредите во изминатите години му создала голем физички и ментален притисок. Тој најави дека во следните 28 дена целосно ќе се повлече од социјалните мрежи и јавниот живот за да се посвети на себеси и побара почитување на приватната сфера.

    Поради тоа што позитивниот тест е забележан за време на турнир, Кирјос се соочува со потенцијално долга казна. Во 2017 година, британскиот тенисер Ден Еванс доби 12-месечна забрана за настап поради идентичен прекршок.

    Кирјос својот најголем успех во кариерата го постигна во 2022 година со пласманот во финалето на Вимблдон, а во 2016 година стигна до 13. место на светската ранг-листа. Поради честите повреди, тој нема играно на гренд слем турнир по Австралија опен во 2025 година.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира