Прославениот голфер Тајгер Вудс е свесен и добро реагира по вчерашната операција откако се здоби со сериозни повреди на ногата во сообраќајната несреќа во Лос Анџелес. Полицијата кажа дека 45-годишниот Вудс може да биде среќен што е жив, откако пожарникарите и лекарите морале да го извлекуваат од превртеното и тешко оштетено возило, во кое бил сам.
„Тој не можеше сам да излезе од возилото. Изгледаше смирено и луцидно кога ни го кажа своето името. Можам да кажам дека Вудс е многу среќен што излезе жив од ова“, изјави Карлос Гонсалес од канцеларијата на шерифот на Лос Анџелес.
Од медицинскиот центар УЦЛА кажаа дека тој бил подложен на долга операција и дека има повеќекратни скршеници во десната нога, при што му биле вградени штрафови и шипки.
Од полицијата на Лос Анџелес изјавија дека теренецот на Вудс преминал преку две ленти и удрил во тротоар и дрво пред да се преврти и дека тој најверојатно возел побрзо од дозволеното на стрмниот пат, познат по чести несреќи.
„На патот нема траги на сопирање. Појасот и воздушните перничиња му го спасија животот“, додаде Гонсалес.
Во кариерата исполнета со неверојатни враќања, на Вудс му претстои најтешкото досега. Тој имаше сообраќајна несреќа и во 2009 година, по која му се распадна бракот и привремено ја прекина кариерата. Од терените отсуствуваше и поради бројни операции на грбот, а во 2019 го прекина 11-годишниот пост од големи титули кога го освои Мастерс турнирот во Огаста.