ТЕТОВСКИТЕ ФУДБАЛЕРКИ ОД ЉУБОТЕН ТРЕТПАТ ПО РЕД СЕ ДРЖАВНИ ПРВАЦИ И ПО ВТОРПАТ ГО ОСВОИЈА ДРЖАВНИОТ КУП, НО НЕМА ПОМОШ НИ ОД ОПШТИНАТА НИ ОД ФФМ

    ТЕТОВСКИТЕ ФУДБАЛЕРКИ ОД ЉУБОТЕН ТРЕТПАТ ПО РЕД СЕ ДРЖАВНИ ПРВАЦИ И ПО ВТОРПАТ ГО ОСВОИЈА ДРЖАВНИОТ КУП, НО НЕМА ПОМОШ НИ ОД ОПШТИНАТА НИ ОД ФФМОд 27 одиграни натпревари во Првата женска македонска лига Љуботенки имаат 23 победи, 3 нерешени натпревари и само еден пораз. (Фото: СДК.МК)

    Заврши уште една успешна сезона за тетовските фудбалерки на ЖФК Љуботен, кои третпат по ред се најуспешна екипа во Првата македонска фудбалска лига за жени, а по вторпат во Купот на Македонија. Од 27 одиграни натпревари во Првата женска македонска лига имаат 23 победи, 3 нерешени натпревари и само еден пораз. Постигнаа неверојатни 121 гол, а примија само 19.

    Во тимот на Љуботен играат 5 професионални фудбалерки од Бразил, кои и во изминатите сезони беа ударната сила на тимот, но како што вели тренерот Драгољуб Јовановски, оваа година пред крајот на сезоната, поради повреди на некои од Бразилките главниот товар го понесоа и тоа многу успешно домашните фудбалерки.

    „Бразилките дадоа дополнителен квалитет во Лигата и меѓу нив во изминатите години имаше навистина извонредни фудбалерки, но годинава веќе во нашата екипа имаме 16 многу јаки македонски фудбалерки. Посебно што една од најдобрите Бразилки, Присила, се повреди и не играше 10 кола, а и кај другите имаше повремени повреди, па во последните неколку кола целиот товар падна на нашите фудбалерки кога до израз дојде нивниот квалитет. Тоа пак придонесе од нашата екипа да има 4 сениорки во репрезентацијата на Македонија, 3 во селекцијата до 19 години, во селекцијата до 17 години 2 и една наша фудбалерка во селекцијата до 15 години“, вели тренерот на Љуботен од Тетово, Драгољуб Јовановски.

    Иако три години по ред се постигнуваат извонредни резултати, сепак финансиите се најголемиот проблем за понатамошниот опстанок на оваа квалитетна фудбалска екипа. Од Општина Тетово немаат никаква поддршка, слаба е поддршката и од Фудбалската федерација на Македонија, па речиси севкупното финансирање на екипата од околу 90% е од Јовановски и од уште еден член на стручниот тим.

    Во лигата постигнаа неверојатни 121 гол, а примија само 19. (Фото: СДК.МК)

    „Кога започнавме трошоците беа далеку помали, но од година во година тие постојано растеа. Платите за Бразилките беа 500-600 евра, а сега двојно и повеќе, а и другите плати и трошоци драстично пораснаа. Според нашата проценка, буџетот за оваа година би требало да биде помеѓу 160 и 180.000 евра. Дел од овие средства ни стигаат од ФФМ, дел од учество во Лига на шампиони, а дел од ваучери, но овие пари не се доволни за да се покријат сите трошоци. Кога би успеале да најдеме два или три добри спонзори кои би ни покриле 30-40% од финансиите, тогаш работите сигурно би биле многу подобри. Слаба е поддршката од ФФМ, тие дури и на нивната официјална веб страна не објавија дека ние сме годинешни шампиони во Лигата, а уште сме поразочарани од однесувањето на Општина Тетово и градоначалникот. Сега, во предизборната кампања, градоначалникот дојде и се фотографираше со нас. Му го дозволивме тоа надевајќи се дека сака да му помогне на клубот, но до сега немаме ниту еден денар финансиска помош од Општината. Ние годинава го освоивме Купот на Македонија. Ја освоивме титулата Државен првак, значи Тетово има најдобра екипа во државата, но тоа на официјалните страници и на Општината и на градоначалникот никаде не е објавено ниту пак некој од Општината ни честита“, се жали Јовановски.

    Освен што немаат финансиска поддршка од Општината имаат проблеми и термините за тренинзи. Тренираат на неадекватни терени на Спортскиот центар во Тетово, па и тука мораат да се изборат со другите екипи кога и каде да тренираат.

    „Тренираме во 7 часот навечер, под рефлектори и тоа само на половина од теренот. Ако не обезбедиме терен за работа и добри услови, и сето тоа надополнето со речиси никакво финансирање од страна, нема далеку да стигнеме. Еве три години постигнуваме извонредни резултати, но ако тоа не е поддржано, се плашам дека брзо ќе дојде и разочарувањето“, вели Јовановски.

    Сега ЖФК Љуботен, како победници во Македонија, со нетрпение го чека 5 јуни кога треба да се изврши ждрепката за нивно учество во Лигата на шампионите.

    „Ждрепката е на 5 јуни во градот Нион, Швајцарија. Прво се натпреваруваме во пред квалификациска група, а ако поминеме се оди во главната квалификациска група. Од учесниците има екипи со кои што може да се носиме, но има и екипи кои реално се далеку посилни од нас. Но, ако се случи да влезе во главниот квалификациски турнир, тоа многу ќе значи за нашиот клуб и од финансиски и од натпреварувачки аспект“, се надева Јовановски.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира