ТРЕНИРАМ ЗА ОЛИМПИЈАДАТА ВО ТОКИО КАКО ДА Е УТРЕ, ВЕЛИ КАРАТИСТОТ ЕМИЛ ПАВЛОВ, НАЈДОБАР СПОРТИСТ НА ШТИП ЗА 2020

    ТРЕНИРАМ ЗА ОЛИМПИЈАДАТА ВО ТОКИО КАКО ДА Е УТРЕ, ВЕЛИ КАРАТИСТОТ ЕМИЛ ПАВЛОВ, НАЈДОБАР СПОРТИСТ НА ШТИП ЗА 2020Павлов (во средина) секојдневно тренира со тренерите Жарко и Сашко Арсовски (Фото: СДК.МК)

    Европскиот шампион во карате од 2014 и 2018 година Емил Павлов е прогласeн за најдобар спортист на Штип за 2020 година.

    „И покрај пандемијата, тренираме секојдневно и се подготвуваме како утре да е Олимпијадата во Токио, за која претендираме“, вели Павлов, чии тренери се Сашко и Жарко Арсовски, кои во изминатите години исто така имаат освоено повеќе медали на светски и европски првенства.

    Ова за Павлов и неговите тренери е поттик уште повеќе да тренираат за меѓународните натпревари, што ќе почнат и официјално да се одржуваат оваа година, со цел да се стекне со норма за Олимпијадата во Токио, каде што каратето ќе дебитира во олимписката програма.

    „Како загревање за секојдневниот тренинг ни е трчањето до врвот на штипската тврдина Исар и назад. Во ова време на пандемија тренинзите продолжуваат на отворено и на дистанца во подножјето на тврдината“, вели Сашко Арсовски.

    Иако лани имаше помалку официјални натпревари, Комисијата за спорт на Штип им додели признанија и на борачот Бобан Данов, кик боксерката Слободанка Стефановска, каратистката Бојана Манева и на надежниот борач во џиу џицу Димитри Радев.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира