Тројца руски спортисти кои јавно ја поддржаа војната против Украина ќе настапат на Олимписките игри во Париз, иако правилата налагаат неутралност. Меѓународниот олимписки комитет дозволи руски и белоруски спортисти да учествуваат на ОИ само ако активно не ја поддржале војната или не соработувале со војската или безбедносните служби на својата земја.
Меѓу оние кои на социјалните мрежи ја промовирале руската инвазија се тенисерките Елена Веснина и Дијана Шнајдер и велосипедистката Алена Иванченко, кои сепак добија и прифатија покана да настапат во Париз. Украина вели дека и трамполинистката Анжела Блатцева настапувала во присуство на проруски воени симболи.
На Игрите во Париз ќе присуствува и шефот на рускиот тенис Шамил Тарпишчев, кој ја поддржуваше мобилизацијата на руските спортисти за војната во Украина.
„Имаме многу спортисти кои моментално се на фронтот или во националната гарда. Некои од нив и загинаа“, изјави селекторот на украинската репрезентација во џудо Витали Дуброва, реагирајќи на учеството на Русите.
Според украинското министерство за спорт и млади, од почетокот на војната загинале најмалку 487 украински спортисти и тренери.
На ОИ во Париз ќе настапат само 15-мина руски спортисти, и тоа како неутрални, откако ИОК им забрани на Русија и Белорусија да учествуваат со своите национални симболи.