УЕФА го одби барањето на градските власти на Минхен тамошниот стадион да биде осветлен во боите на виножитото за утрешниот натпревар од Европското првенство помеѓу Германија и Унгарија. Тоа требаше да биде знак на поддршка за ЛГБТ заедницата, но и протест против неодамна донесениот закон во Унгарија, кој забранува да се промовира хомосексуалноста меѓу малолетниците.
„УЕФА е политички и верски неутрална организација. Имајќи предвид дека барањето имаше политички контекст, насочено против одлука на унгарскиот парламент, УЕФА мораше да го одбие“, соопшти Федерацијата.
Градскиот совет на Минхен предложи да се промени надворешното осветлување на „Алијанц арена“ како реакција на антигеј законот што унгарскиот парламент го изгласа на 15 јуни.
„Минхен е посветен на различности, толеранција и вистинска еднаквост во спортот и во општеството воопшто. Токму затоа, сакаме да истакнеме важен и јасен знак на солидарност со ЛГБТИ заедницата во Унгарија“, кажаа градските власти пред два дена.