Уште тројца учесници на тенискиот турнир Адрија тур во Задар имаа позитивен тест на коронавирус, меѓу кои и хрватскиот играч Борна Ќориќ.
Турнирот беше прекинат вчера без да се одигра финалниот меч помеѓу Новак Ѓоковиќ и Андреј Рубљов, откако бугарскиот тенисер Григор Димитров објави дека е заразен. Тој се повлече од турнирот откако на првиот ден загуби токму од Ќориќ.
Освен младиот хрватски играч, позитивен тест имале и тренерот на Димитров, Кристијан Дрох и кондицискиот тренер на Ѓоковиќ, Марко Паники. Тестирани се вкупно 22 луѓе кои биле во близок контакт со Димитров.
Ѓоковиќ не се тестирал во Задар, туку ќе го направи тоа во Белград, каде што се врати веднаш по откажувањето на финалето. Според српските медиуми, Ѓоковиќ немал никакви симптоми, па затоа и немал обврска да се тестира веднаш во Задар.
Адрија тур е серија ревијални турнири организирани од Ѓоковиќ и по Белград и Задар, уште требаше да се игра во Сараево и Бања Лука.