Фудбалерите на Вардар освоија почесен бод на крајот на групната фаза на Лига Европа, но со тоа, сепак, не го избегнаа статусот на најслаба екипа во годинашната сезона.
Во последното, шесто коло, македонскиот првак одигра 1:1 со норвешки Розенборг на домашен терен, со што ја прекина серијата од пет порази.
Вардар поведе уште во деветтата минута преку Итало и позитивен резултат одржуваше до крајот на првото полувреме, кога Никлас Бендтнер израмни на 1:1 од белата точка.
Иако испиша историја на македонскиот фудбал со пласманот во групната фаза, Вардар на шесте натпревари успеа да постигне само три погодоци и на крајот имаше гол-разлика од -17, убедливо најслаба меѓу сите екипи.