Фудбалерите на Вардар беа прегазени од шпанскиот прволигаш Реал Сосиедад со 0:6 во третото коло на Лига Европа, со што поставија нов личен негативен рекорд.
Ова е најтежок пораз на вардарци во европските купови досега, откако претходно, почнувајќи од 1961 година, имаа четири порази од 0:5 (Данфермлајн, 1961; Легија, 1999; Шалке, 2004 и Зенит, 2017).
Уште еднаш плашливо влегувајќи во меч, мрежата на вардарци беше начната уште во 12. минута, кога Ојарсабал ја почна серијата голови на „Телеком арена“.
Тоа беше само најава за голгетерското шоу на бразилскиот напаѓач Вилијам Жозе, кој за период од 25 минути успеа да постигне четири гола во низа, првиот во 34-та, а последниот во 59. минута. Конечните 0:6 ги постави Де ла Белја во 90. минута.
Вардар останува закован за дното на табелата во Л-групата, со нула бодови и со катастрофална гол-разлика од 1:14.
Во вториот меч од групата, Зенит го совлада Розенборг со 3:1, со што води со максимални девет бода.