ВЕЛЕШАНИТЕ ТАХОВ И МИТРОВ ИЗВОЗЕА 1.500 КИЛОМЕТРИ НА МАУНТИН БАЈК ДО ИСТАНБУЛ И НАЗАД

    ВЕЛЕШАНИТЕ ТАХОВ И МИТРОВ ИЗВОЗЕА 1.500 КИЛОМЕТРИ НА МАУНТИН БАЈК ДО ИСТАНБУЛ И НАЗАДКоста Тахов и Дејан Митров тргнаа за Истанбул на 28 август од Велес, а се вратија на 8 Септември. Дневно возеле од 120 до над 200 километри.- Велосипедистите по враќањето во Велес

    Двајца млади велешани патуваа до Истанбул и Босфорот и назад во Македонија на велосипед. Коста Тахов и Дејан Митров на маунтин бајк, наменет за планинско возење поминаа 1. 500 километри за 14 денови. Тргнаа на 26 август, а дома се вратија дома, Денот на независноста 8 Септември. Долгото патување не ги умори, велат дека се среќни и задоволни од уште едно животно искуство.

    „ Сѐ помина без проблеми,  три дупнати гуми, што е очекувано за толку километри, силен ветар и неколку невремиња кои нѐ не спречија да ја оствариме целта. Стартот беше од дома од пред врата. Велосипедите ги возевме до крајната дестинација и назад. Без никакви товарања во воз, автобус, автомобил, или пак хеликоптер“, објаснува Коста.

    Долгото патување не ги умори, велат дека се среќни и задоволни од уште едно животно искуство.- Коста Тахов и Дејан Митров

    Дневно возеле од 120 до над 200 километри, по што одморале во шатори, и следниот ден повторно пакување и возење. Велат дека по возењето со велосипеди до Александропулос и Метеорите во Грција изминатите години, редно било да се зголеми далечината и годинава да се вози до Турција.

    „Возевме натоварени со торби полни облека, вода, храна, шатори и други потребни работи. По градовите и селата сретнавме секакви луѓе. Некои расположени да помогнат со ладна вода, сместување, кафе, а некои расположени да го решиме проблемот со името тука, на лице место. Прашуваа: ‘Од каде сте?’ Ние одговаравме од Македонија. Тие пак со прашање: ‘Скопје?’ Ние: ‘Нее, од Велес’. Тој одговор ги оставаше сите збунети“, низ насмевка додава Тахов.

    Велосипедистите велат дека патувањето било организирано и реализирано самостојно без никакви спонзорства и финансиска поддршка од кого било

    Возеле по патишта од асфалт, коцки, камења, земја, придружени од лаења, заби и лиги од возбудени кучиња, разлетани на сите страни по густата темница. Во борба со силен и константен ветар од спротивна насока. Пренасочен сообраќај поради срушен мост. Морбидни мрачни и длабоки клисури, стари римски мостови, куќата на вештерката од приказната за Ивица и Марица, модерен автопат, граница.

    „Голема благодарност до сите оние кои што грижливо нѐ следеа и нз прашуваа до каде сме и дали е се во ред, до сите кои викаа дека сме луди и сите добронамерни луѓе што не сретнаа по пат, нѐ охрабрија и ни понудија каква било помош“, кажа Митров.

    Велосипедистите додаваат дека патувањето било организирано и реализирано самостојно без никакви спонзорства и финансиска поддршка од кого било.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира