Еден од најдобрите македонски кошаркари Владо Илиевски и официјално ја почна борбата за уривање на актуелниот претседател на Македонската кошаркарска федерација, Петар Наумоски.
Тој објави дека поднесол иницијатива за свикување на вонредно собрание на МКФ, што треба да биде прв чекор кон неговото доаѓање на чело на македонската кошарка.
„Иницијативата е поднесена. Продолжува борбата за подобра кошарка во Македонија“, напиша Илиевски на Фејсбук, сликајќи се пред просториите на Федерацијата.
Поднесената иницијатива содржи потписи од голем број клубови, па Наумоски сега има рок од две недели да го свика собранието.
Наумоски беше избран за претседател на МКФ во април 2015 година и, во меѓувреме, веќе „преживеа“ еден обид за смена.
Владо Илиевски лани ја заврши успешната играчка кариера, во текот на која настапуваше за некои од најголемите европски клубови, како Барселона, Монтепаски, Ефес и Болоња, но она со што си обезбеди златно место во историјата на македонската кошарка се заслугите за освојувањето на четвртото место на репрезентацијата на Европското првенство 2011 во Литванија.
Г. КОНЕВ