ВО 2019 ПЛАНИРАМ ДА ТРЧАМ ВО СЕВЕРНА КОРЕЈА И НА КИНЕСКИ ЅИД, ВЕЛИ АНГЕЛ АРНАУДОВ ОД СТОЈАКОВО, КОЈ ГИ ИСТРЧАЛ ШЕСТЕ НАЈПОЗНАТИ СВЕТСКИ МАРАТОНИ

    ВО 2019 ПЛАНИРАМ ДА ТРЧАМ ВО СЕВЕРНА КОРЕЈА И НА КИНЕСКИ ЅИД, ВЕЛИ АНГЕЛ АРНАУДОВ ОД СТОЈАКОВО, КОЈ ГИ ИСТРЧАЛ ШЕСТЕ НАЈПОЗНАТИ СВЕТСКИ МАРАТОНИНе може без трчањето, од кое има и физички и психички придобивки. - Арнаудов на маратонот во Атина (Фото: Фејсбук)

    Софтверски инженер и маратонец аматер. Вака се опишува себеси Ангел Арнаудов од Стојаково, Богданци, кој за неколку години успеа да ги истрча најпрестижните шест маратони во светот, кои претставуваат императив за многумина тркачи. Токио, Бостон, Лондон, Берлин, Чикаго и Њујорк се маратоните кои ги има почувствувано 34-годишниот Арнаудов, кој како фриленсер работи за повеќе домашни и странски компании од родното село, а физичката кондиција ја одржува по селските улици, но и трчајќи до Богданци, Гевгелија, Дојран…

    Љубовта кон маратонското трчање кај Арнаудов се појавила кога бил на работа во Флорида, кога тамошниот менаџер им понудил на вработените парични бонуси за да бидат физички активни. Оттогаш, без трчање не може. Тврди дека маратонското трчање го прави посилен да се соочи со предизвиците.

    Од трчање по селски улици Арнаудов стигна до настап на сите познати светски маратони (Фото: Фејсбук)

    „Додека работев во Америка, компанијата за која работев нудеше бонуси за луѓето да бидат активни. Така за секоја трка, без разлика дали е пет или десет километри, пола или цел маратон, имаше одредени парични бонуси. Јас покрај сопственикот бев единствениот кој успеа да ги заврши сите предвидени дисциплини. По напуштањето на компанијата, продолжив со трчањето и еве годинава го истрчав и маратонот во Бостон. Со трчањето го чистам умот од секојдневните животни предизвици, а неретко доаѓам и до решенија за некои проблеми, кои не сум можел да ги решам на компјутерот“, ни изјави Арнаудов, кој во моментов живее во Стојаково, а благодарение на маратоните стекнал многу пријатели низ светот.

    Арнаудов по маратоните во Токио, Сингапур и Париз (Фото: Фејсбук)

    Започнал на маратонот во Њујорк. За овие неполни десет години учествувал и на маратоните во Геинвсил, Скопје, Солун, Истанбул, Атина, Виена, Барселона, Париз, Копенхаген и Сингапур. Бил и на десетина полумаратони во земјава, Хрватска, Грција и во Србија, но и на триатлоните во Лејк Сити и Мајами во САД. Секоја трка имала посебна убавина и предизвик. Но, според него, императив му биле да ги истрча маратоните во Лондон, Берлин, Токио, Чикаго, Бостон и Њујорк.

    „Овие шест маратони се врв на маратонското трчање. Независно дали сте професионалец или аматер како мене, тие се финале на Лигата на шампиони. Јас започнав со Њујорк, каде двапати учествував, а планирам и по третпат. Берлин е чиста брза патека. Маратонот во Чикаго беше одлично искуство. Токио имаше своја убавина, најмногу поради традицијата. Лондон ќе ми остане посебно драг, бидејќи таму го имав најдоброто време, а медалот ми беше доделен од војвотката од Кембриџ. Бостон ми беше најтежок, но и најмил’’, вели Арнаудов, кој беше дел од организацијата на подвигот на Џоко Шуклев и Ѓорги Николов од Стојаково, кои летоска направија сензација, кога со 40-годишно „рено 4“ отпатуваа и се вратија од Монте Карло.

    Според апликацијата што ја користи за маратони и тренинзи, досега Арнаудов има истрчано околу шест илјади километри. Нема некоја посебна програма за тренинзи, но тврди дека без трчање не може, оти трчањето му дава енергија. Од таа причина, секојдневно си трча по улиците во Стојаково во раните утрински часови, а преку ден е на компјутер и работи за компаниите со кои има склучено договор.

    Медалот во Лондон го добил од војвотката од Кембриџ (Фото: Фејсбук)

    „Најчесто тренирам на патиштата околу моето родно место Стојаково. Во работни денови имам две-три рути преку Богданци и Ѓавато, која е околу 14 километри. Кога сакам нешто понапорно, трчам накај селото Селемлија, бидејќи има нагорнини. За време на викендот најчесто трчам до Гевгелија преку Прдејци и Негорци во должина од 30 километри или до Дојран во еден правец во должина од 26 километри. Немам тренери, ниту пак се водам по некој распоред. Јас сум аматер маратонец, кој го прави ова од чиста љубов кон трчањето, бидејќи имам и физички и психички придобивки“, раскажува Арнаудов, кој сака да ги почувствува и маратоните во Африка, Јужна Америка и Австралија.

    Тој во декември ќе го трча маратонот во Валенсија, а во април идната година потврдено му е учеството на маратонот во Пјонгјанг, главниот град на Северна Кореја, каде планира да трча со македонското и со југословенското знаме и со маица со ликот на Тито. Паралелно аплицира и уверен е дека ќе го истрча и маратонот на Кинескиот ѕид, што си го има поставено како цел за 2019.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира