Серхио Рамос му порача на Нејмар дека вратите на Реал Мадрид се отворени за него, откако се појавија информации дека Бразилецот е незадоволен во Пари Сен-Жермен.
Нејмар ја напушти Барселона летоска во рекорден трансфер од 222 милиони евра, но шпанските медиуми јавуваат дека тој брзо би можел да се врати во Ла Лига.
Капитенот на европскиот и шпански првак, исто така, даде придонес во овие приказни.
„Сакам да играм со најдобрите во Реал, а Нејмар е еден од нив. Можеби му беше полесно прво да отиде од Барселона во ПСЖ, место директно во Реал Мадрид. Тоа се лични одлуки, но во фудбалот цело време нешто се случува. Ако сака да дојде кај нас, јас му ги отворам вратите. Јас имам добар однос со него“, изјави Рамос.
Нејмар постигна 11 гола откако дојде во ПСЖ и Реал во него гледа долгорочна замена за Кристијано Роналдо, кој во февруари ќе наполни 33 години.
Бидејќи француската лига не е некој голем предизвик, тамошните медиуми пишуваа дека тој е мотивиран само кога игра во Лигата на шампионите.