Најмладиот учесник на трката „Трчај бе“, што денеска се одржа во Битола, имаше само шест години, а највозрасен беше Санде Стојановски од Лозово, кој на 74 години истрча 10 километри и рече дека ова за него било само неделен тренинг.
„Имав добро време од 54 минути на 10 километри. Со трчање се занимавам аматерски, чисто за здравје. Воедно живеам здраво и не чувствувам умор по трката. Не ги пропуштам трките во земјава како маратони, полуматарони, 10 километри. Трчање на 10 километри ми е како неделен тренинг. На младите им порачувам да бидат поподвижни, да спортуваат за на старост да немаат проблеми со здравјето како што немам ни јас“, рече Стојановски.
Ова беше второ издание на трката „Трчај бе“, а учествуваа 550 учесници од цела држава. Околу 1.500 љубители на трчањето имаа изразено желба за учество, но поради строгите протоколи за заштита од ковид-19, бројката мораше да се намали. Беа прогласени победници во повеќе категории.
„Го освоив првото место на трката на пет километри, што ги истрчав за 17 минути и осум секунди. На младите им порачувам да се занимаваат со спорт. Освен физички, придобивките се големи и на психички план“, рече Кристијан Наумовски од Охрид.
Организаторите од здружението „Трчај бе“ велат дека сите љубители на трчањето од земјава и елитата на македонската атлетика денеска беа во Битола.
„Кога пред две години првпат ја организиравме трката, имавме ентузијастички порив и Битола да се стави на мапата на градски трки. Веќе по второто издание можеме да кажеме дека ова беше полн погодок. Ова е еден од ретките настани во Битола за кој сите критики се позитивни, сите ја прифајќаат трката, и учесниците и публиката и градот“, рече Никола Димитровски, директор на трката.
Ж. ЗДРАВКОВСКА