Светскиот рекет број еден Новак Ѓоковиќ изјави дека не се смета себеси за фаворит на Ролан Гарос, на кој од утре ќе ја брани титулата. Неговиот прв противник е домашниот тенисер Пјер-Иге Ербер.
Ѓоковиќ нема освоено ниедна титула оваа сезона, ниту играше финале, а последниот неочекуван пораз го доживеа во полуфиналето на турнирот во Женева, каде што вчера изгуби од Томаш Махач со 6:4, 0:6, 6:1. Претходно во Рим стигна само до третото коло. Триесет и седумгодишниот Ѓоковиќ се мачи да го поврати ритамот и призна дека е загрижен.
„Се разбира дека сум загрижен. Не играм добро цела оваа година“, изјави тој по поразот од Махач и се осврна на претстојниот Ролан Гарос.
„Имав некои добри мечеви оваа година, но така е како што е. Не се сметам себеси за фаворит во Париз. Мора многу да работам. Ќе одам од меч во меч, па ќе видам колку далеку можам да стигнам“.
Ѓоковиќ пред некое време раздели од тренерот Горан Иванишевиќ, па на Ролан Гарос ќе игра без официјален тренер.