Жерард Пике потврди дека веќе нема да настапува за шпанската репрезентација по разочарувачкиот настап на Светското првенство во Русија.
Тој ја најави ваквата можност уште за време на поништениот референдум за независност на Каталонија, кога се појави на гласањето, и покрај жестоката реакција на шпанската полиција.
„Поминав навистина убаво време со репрезентацијата, освојувајќи светско и европско првенство. Но, оваа приказна сега дојде до свој крај. За мојата одлука го известив и новиот селектор Луис Енрике“, изјави 31-годишниот бек на Барселона.
Тој дебитираше во дресот на Шпанија во 2009 година и во меѓувреме собра 102 настапи и постигна пет гола.
Сепак, поради изразената поддршка на каталонскиот национализам, често беше на удар на навивачите.