1.2 МИЛИОНИ СМРТНИ СЛУЧАИ НА ДЕЦА ЌЕ ИМА ВО СЛЕДНИТЕ ШЕСТ МЕСЕЦИ ПОРАДИ ОСЛАБЕНИ ЗДРАВСТВЕНИ СИСТЕМИ ОД ПАНДЕМИЈАТА, Е НАЈЛОШОТО СЦЕНАРИО НА УНИЦЕФ

    1.2 МИЛИОНИ СМРТНИ СЛУЧАИ НА ДЕЦА ЌЕ ИМА ВО СЛЕДНИТЕ ШЕСТ МЕСЕЦИ ПОРАДИ ОСЛАБЕНИ ЗДРАВСТВЕНИ СИСТЕМИ ОД ПАНДЕМИЈАТА, Е НАЈЛОШОТО СЦЕНАРИО НА УНИЦЕФВо земјите со веќе слаб здравствен систем, КОВИД-19 предизвикува нарушувања во синџирот на медицински набавки и крајно ги напрега финансиските и човечките ресурси. (Фото: УНИЦЕФ)

    Во следните шест месеци, постои ризик да има дополнителни 1,2 милиони смртни случаи на деца под пет години, или 6.000 смртни случаи на ден,  како резултат од намалување на опфатот со рутински здравствени услуги и на поголемо заостанување во растот на децата, соопшти УНИЦЕФ. Оваа проценка е најлошото сценарио од три можни сценарија во 118 земји со ниски и средни приходи.

    Пандемијата на коронавирусот, смета УНИЦЕФ, натаму продолжува да ги слабее здравствените системи и да ги нарушува рутинските услуги. Нивната проценка се заснова на анализа на истражувачи од Факултетот за јавно здравје Блумберг при Универзитетот Џонс Хопкинс, објавена во списанието „Лансет Светско здравје“.

    Овие потенцијални 1.2 милиони смртни случаи кај децата ќе бидат згора на 2,5 милиони деца што веќе умираат пред 5. роденден на секои шест месеци во 118 држави вклучени во студијата. Ова претставува закана од уназадување на скоро еднодеценискиот напредок во ставањето крај на смртноста од болести кои може да се спречат кај децата под пет години.

    „Во најлош случај, за првпат по многу децении може да се зголеми бројот на деца што умираат пред петтиот роденден во светот. Не смееме да дозволиме мајките и децата да станат колатерална штета во борбата против вирусот. И не смееме да дозволиме да се изгубат децении напредок во намалувањето на смртноста кај децата и мајките од болести што може да се спречат“, рече извршната директорка на УНИЦЕФ, Хенриета Фор.

    Во земјите со веќе слаб здравствен систем, КОВИД-19 предизвикува нарушувања во синџирот на медицински набавки и крајно ги напрега финансиските и човечките ресурси. Бројот на посети на здравствените центри опаѓа како резултат на затворањата, полицискиот час и нарушувањата во превозот, а и затоа што заедниците и натаму се плашат од инфекција. Во извештајот на Лансет, УНИЦЕФ предупредува дека ваквите нарушувања може да доведат до потенцијално погубно зголемување на смртноста кај мајките и децата.

    Според моделирањето, и под претпоставка дека ќе се намали опфатот од најлошото сценарио, 10 држави кои потенцијално би можеле да имаат најголем број дополнителни смртни случаи кај децата се: Бангладеш, Бразил, Демократска Република Конго, Етиопија, Индија, Индонезија, Нигерија , Пакистан, Уганда и Обединета Република Танзанија. Десетте држави кои најверојатно ќе бидат сведоци на најголема стапка на смртност кај децата според најлошото сценарио се: Џибути, Есватини, Лесото, Либерија, Мали, Малави, Нигерија, Пакистан, Сиера Леоне и Сомалија.

    Оваа недела, УНИЦЕФ започнува со глобалната кампања #Reimagine (#Презамисли), за спречување пандемијата со КОВИД-19 да стане трајна криза за децата, особено за најранливите – како што се децата погодени од сиромаштија, исклучување или семејно насилство.

    „Реагирај. Мора да дејствуваме сега за да го запреме ширењето на болеста, да им помогнеме на болните и да ги заштитиме првите бранители на линијата на фронтот кои го ризикуваат својот живот за да спасат други“, вели УНИЦЕФ.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари