Босна и Херцеговина одбележува 25 години од масакрот во Сребреница, единственото злосторство во Европа по Втората светска војна кое беше прогласено за геноцид, но поради пандемијата на коронавирусот само мал дел од преживеаните добија дозвола да присуствуваат на комеморативните настани.
Бруталната егзекуција на повеќе од 8.000 муслимански мажи и момчиња во јули 1995 година се одбележува со серија настани и со погребувања на неодамна идентификуваните девет жртви. Откако ги убија, српските сили, предводени од Ратко Младиќ, ги фрлија телата во голем број масовни гробници низ источна Босна. Досега се пронајдени и идентификувани околу 7.000 тела.
Новоидентификуваните жртви се погребуваат во меморијалниот центар надвор од Сребреница секоја година на 11 јули, денот кога почнаа масовните убиства во 1995 година и траеја десет дена. Слабо опремените холандски војници, кои требаше да бидат гаранција за безбедноста на енклавата, немо сведочеа на српската агресија и само ги предадоа петте илјади муслимани кои побараа засолниште во нивната база. Србија во меѓувреме се извини за масакрот, но продолжува да негира дека станува збор за геноцид.
Вообичаено, илјадници луѓе од разни држави присуствуваат на овие комеморативни служби и погреби, но оваа година бројката е крајно ограничена. Десетици светски лидери, како канадскиот премиер Џастин Трудо, шпанскиот премиер Педро Санчес, принцот Чарлс и американскиот државен секретар Мајк Помпео, се обратија преку однапред снимени видеопораки.