Владимир Путин ја спореди руската инвазија на Украина со борбата против нацистичка Германија, во говорот по повод 80-годишнината од завршувањето на Битката за Сталинград. Осврнувајќи се на одлуката на Германија да испрати тенкови „леопард“, Путин кажа дека историјата се повторува.
„Тоа е неверојатно, но вистинито. Уште еднаш ни се закануваат германските тенкови“.
Русија ја лансираше инвазијата пред речиси една година, поради што западните земји ѝ испратија воена помош на Украина вредна милијарди евра.
Зборувајќи во Волгоград, Путин навести дека Русија е подготвена да употреби нешто повеќе од конвенционално оружје.
„Оние кои се надеваат дека ќе ја поразат Русија на бојното поле не сфаќаат дека модерна војна со Русија ќе биде многу поинаква за нив. Ние не испраќаме тенкови на нивните граници, но имаме со што да одговориме. Тоа нема да биде ограничено само на оклопни средства. Сите мора да го сфатат тоа“, изјави Путин.
Портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, одби да ги разјасни зборовите на Путин.
„Гледаме како нацистичката идеологија, сега во својата модерна верзија, повторно создава закани за нашето општество. Уште еднаш сме принудени да се браниме од агресијата на колективниот запад“, кажа Путин.