90-ГОДИШНА ЖЕНА ПОЧИНАЛА ВО БЕЛГИЈА ОТКАКО СЕ ЗАРАЗИЛА СО ДВА РАЗЛИЧНИ СОЈА НА КОВИД-19

    90-ГОДИШНА ЖЕНА ПОЧИНАЛА ВО БЕЛГИЈА ОТКАКО СЕ ЗАРАЗИЛА СО ДВА РАЗЛИЧНИ СОЈА НА КОВИД-19Жената, која починала во март 2021 година во Белгија, не била вакцинирана. - Земање брис за ПЦР-тест (Фото: СДК.МК)

    Можно е да се фатат два соја на ковид-19 истовремено, предупредуваат експертите откако е откриена двојна инфекција кај 90-годишна жена која заболела од алфа и бета соевите, првпат откриени во Британија и Јужна Африка.

    Жената, која починала во март 2021 година во Белгија, не била вакцинирана. Нејзините доктори се сомневаат дека се заразила од двајца различни луѓе. Докторите веруваат дека тоа е прв таков документиран случај, и иако е ретко, такви двојни инфекции се случуваат.

    Нејзиниот случај се разгледува на годинашниот Европски конгрес за клиничка микробиологија и инфективни болести, кој се одржува викендов онлајн.

    Во јануари годинава, научници во Бразил пријавија две лица кои истовремено се инфицирани со два соја на коронавирус, еден од нив гама сојот. Истражувачи во Португалија, во меѓувреме, неодамна сретнаа 17-годишник кој фатил втор сој на коронавирус, додека сè уште закрепнувал од различен сој.

    90-годишната жена од Белгија, која била инфицирана со два „загрижувачки соеви“, била примена во болница откако паднала неколку пати, но подоцна развила тешки респираторни симптоми. Тестовите од лабораторија земени кога била хоспитализирана покажале дека има ковид-19, предизвикан од две различни мутации на коронавирусот истовремено, алфа и бета.

    Докторката Ане Ванкерберген од болницата во Алст кажа: „Овие два соја циркулираа низ Белгија во тој период, па веројатно жената била коинфицирана со различни вируси од двајца различни луѓе. За жал, не знаеме како се заразила. Таа живееше сама дома, но имаше многу луѓе кои се грижеа за неа. Дали коинфекцијата со два различни соја придонела за побрзо влошување на состојбата тешко е да се каже“.

    Во моментов, најбрз се шири делта сојот, првпат откриен во Индија. Експертите велат дека постојните вакцини удат добра заштита против овој сој, но се развиваат нови вакцини кои ќе бидат уште поефикасни против нови соеви.

    Лоренс Јанг, професор по вирологија на Универзитетот Варвик од Британија, вели: „Откривањето на два различни соеви кај едно лице не е изненадување. Може да биле пренесени од едно лице или од контакт со повеќе заразени лица“.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира