Европската Комисија предлага одложување до 1 јануари 2030 на построгите правила за пресметка на емисиите на јаглерод диоксид кај приклучните хибридни автомобили, кои имаат и класичен (бензински или дизелски) и електричен мотор. Новите правила требаше да стапат во сила во денеска.
Корекцијата на таканаречениот „фактор на користење на електричен погон“ треба да ја одрази реалната употреба на хибридите, кои често возат на бензински или дизел-мотор наместо на електричен погон. Колку е повисок овој фактор, толку поголем дел од возењето се смета дека е на струја, па официјално пресметаните емисии на јаглерод диксид се пониски. Проблемот е што многу возачи не ги полнат редовно своите хибриди, па почесто возат на бензин или дизел отколку што претпоставува официјалната методологија. Затоа ЕУ сака да го промени начинот на пресметка.
Со одложувањето, производителите ќе добијат повеќе време за исполнување на целите за намалување на емисиите. Предлогот се однесува на приклучните хибриди со електричен досег од најмалку 80 километри.
Германија и автомобилската индустрија го поддржуваат одложувањето, оценувајќи дека ќе обезбеди поголема сигурност за производителите.
Еколошката организација „Транспорт енд енвајронмент“, пак, предупредува дека одложувањето ќе доведе до потценување на реалните емисии и трошоците за возачите.
Комисијата треба дополнително да го усвои предлогот, по консултации со земјите членки и Европскиот парламент.



