По нападот врз Венецуела од САД, повторно расте загриженоста во Европа поради обновените изјави американскиот претседател Доналд Трамп за Гренланд. Загриженоста во Европа се зголеми по неодамнешната објава на социјалните мрежи на Кејти Милер, сопругата на високиот функционер на Белата куќа, Стивен Милер, и интервјуто кое Трамп го даде за весникот „Атлантик“. Во него, американскиот претседател го повтори своето долгогодишно тврдење: „Апсолутно ни е потребен Гренланд. Ни треба за одбрана“, со што ја оживеа својата долгогодишна идеја за анексија на островот.
Данската премиерка Мете Фредериксен остро реагираше и рече дека „апсолутно нема смисла да се зборува за преземање на Гренланд од страна на САД“ и дека „САД немаат право да анектираат ниту една од трите земји во Кралството Данска“.
„Да бидам сосема јасна: ако САД нападнат друга земја од НАТО, готово е. Тоа значи и со самото НАТО. Тогаш е готово со светскиот поредок што беше воспоставен по завршувањето на Втората светска војна, готово е со демократските правила на игра. Сè се урива ако една земја од НАТО нападне друга“, рече Фредериксен.
Експертот Јакоб Функ Киркегор оцени дека евентуална анексија на Гренланд „всушност би значела и крај на Трансатлантскиот сојуз“. Иако Трамп го оправдува својот интерес со тврдења дека островот е „опкружен со руски и кинески бродови“, експертите велат дека тоа е неточно. Наместо тоа, се посочува на природните ресурси и симболичните мотиви. Според Киркегор, „се чини дека Трамп заклучил оти сака Америка да биде поголема на мапата“, додавајќи дека тоа „не е рационално“.
Иако околу 56 отсто од жителите на Гренланд сакаат независност од Данска, само 6 отсто поддржуваат приклучување кон САД. Данска и Гренланд, пак, се отворени за поголемо американско присуство во рамки на постојните договори.
„Ако Трамп сака таму повеќе американски војници, нивното испраќање нема да биде проблем“, вели Киркегор.
ЕУ реагираше претпазливо, истакнувајќи дека „ги почитува универзалните принципи на национален суверенитет и територијален интегритет“, без најави за конкретни мерки. Според Киркегор, ако Трамп се реши за анексија со сила, „многу малку може да направи некој на краток рок“, освен преку дипломатски притисок и комуникација со Конгресот на САД.
Случајот со Венецуела се смета за предупредување за непредвидливоста на Трамп и за фактот дека Европа сè потешко ја одржува рамнотежата меѓу лојалноста кон САД и одбраната на меѓународниот поредок на почетокот на 2026 година.



