Ова беа неверојатни четири години, кажа Доналд Трамп, за последен пат обраќајќи се како претседател на САД.
Тој од Белата куќа пристигна во воздушната база „Ендрјус“ во Мериленд, каде што и официјално се прости од функцијата. Оттаму замина за Флорида, каде што има резиденција.
„Дадовме сѐ од себе. Она што го постигнавме е неверојатно според сите стандарди. Новата администрација презема неверојатни бројки, а во изминатите девет месеци остваривме медицинско чудо со развојот на вакцини против коронавирус“, им кажа Трамп на своите семејство и приврзаници собрани во базата.
Тој вети дека ќе слуша и следи, посакувајќи ѝ среќа и успех на новата администрација.
„Се надевам дека нема да ви ги покачат даноците, но ако го направат тоа, ве предупредив. Имајте убав живот, се гледаме наскоро“, го заклучи Трамп својот говор на пистата на базата.