АКО ЗЕЛЕНСКИ НЕ ПРИФАТИ МИР СЕГА, ВО ИДНИНА ЌЕ ДОБИЕ ПОЛОШИ УСЛОВИ, ВЕЛАТ АМЕРИКАНСКИ ФУНКЦИОНЕРИ

    АКО ЗЕЛЕНСКИ НЕ ПРИФАТИ МИР СЕГА, ВО ИДНИНА ЌЕ ДОБИЕ ПОЛОШИ УСЛОВИ, ВЕЛАТ АМЕРИКАНСКИ ФУНКЦИОНЕРИСекретарот на американската армија Ден Дрискол ги брифирал амбасадорите на земјите од НАТО на состанок во Киев. (Фото: Икс)

    Американски функционери ги известиле сојузниците во НАТО дека очекуваат да го притиснат украинскиот претседател Володимир Зеленски да се согласи на мировен договор во наредните денови, под закана дека доколку Киев не потпише, во иднина ќе се соочи со многу полоши услови.

    Секретарот на американската армија Ден Дрискол ги брифирал амбасадорите на земјите од НАТО на состанок во Киев доцна во петокот, по разговорите со Зеленски и телефонскиот повик од Белата куќа.

    „Ниеден договор не е совршен, но тоа мора да се направи порано или подоцна“, им рекол Дрискол на присутните, според извор кој бил на состанокот.

    Атмосферата во просторијата била тешка, а неколку европски амбасадори го довеле во прашање начинот на кој САД ги воделе преговорите со Русија без да ги информираат сојузниците. Изворот го опишал состанокот како „кошмар“, потсетувајќи на аргументот на Доналд Трамп од февруари дека Зеленски „нема карти“ за играње.

    Договорот што сега е на маса содржи низа одредби кои веројатно ќе бидат неприфатливи за Киев, вклучително и потребата да се откаже од териториите што Русија ги окупираше, како и предавање на дополнителна територија што Киев сè уште ја контролира. Исто така, планот сугерира амнестија за сите воени злосторства извршени за време на конфликтот.

    Зеленски во петокот преку видео обраќање изјави дека ова е „еден од најтешките моменти во нашата историја“. Украина се соочува со избор, рече тој: „Губење на нашето достоинство или губење на клучен сојузник“.

    Трамп инсистира Зеленски да се согласи на договорот до Денот на благодарноста, кој е претстојниот четврток. Џули Дејвис, амбасадорката на САД во Киев, им кажала на дипломатите дека иако условите се казнени за Украина, таа нема друг избор освен да прифати.

    „Договорот не станува подобар од ова, туку полош“, рече таа.

    Најавата за американските планови ги затекна другите сојузници на Украина, кои беа чувани во неведение за содржината и форматот на планот. Во Европа постои загриженост дека Русија имала преголем удел во преговорите за нацрт-договорот, кој на Украинците им се претставува како завршена работа.

    Дрискол го бранеше овој пристап, велејќи дека тој го одржува процесот поуправлив.

    „Претседателот Трамп сака мир сега. Колку повеќе готвачи во кујната, толку е потешко да се справите“, рече тој.

    Планот наводно бил изготвен од помошникот на Трамп, Стив Виткоф и советникот во Кремљ, Кирил Дмитриев, релација која се појави како клучен канал меѓу Вашингтон и Москва.

    Владимир Путин во петокот изјави дека Москва добила копија од планот и верува дека тој може да се користи како основа за конечно мирно решение.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира